Закрепнување од постпразничен умор
Празниците се прилика за уживање, но по нив е важно да им се даде на телото и умот можност за закрепнување и враќање во рутина. Со неколку едноставни чекори како приспособување на исхраната, физичка активност и фокусирање на внатрешниот мир, можеш брзо да се вратиш во чувството на леснотија и виталност.

Тоа не треба да биде шок-терапија, туку постепен процес на прилагодување. Телото навикнато на доцни и обилни вечери и зголемена емоционална стимулација не може преку ноќ да се врати во строга рутина без последици. По празниците мoже да се појави замор, раздразливост и пад на концентрацијата што претставува природна реакција на организмот кој се обидува да воспостави рамнотежа.

Првиот чекор во закрепнувањето е прилагодување на исхраната. По периодот на тешка храна, се препорачува детоксикација со лесни оброци богати со зеленчук, овошје и влакна. Зеленчукови супи, салати и билни чаеви помагаат да се исчисти организмот и да се поттикне дигестијата. Хидратацијата е клучна – консумирај доволно вода, природни чаеви или свежо исцедени сокови без додаден шеќер. Намирници како лимон, ѓумбир, куркума и свеж магдонос се познати по детоксикациските својства и можат да помогнат во елиминација на токсините.

Емоционалниот стрес, чест во празничното време, бара посебно внимание. Пронајди моменти за релаксација – медитирај, помини време во природа или едноставно направи пауза од социјалните мрежи и дружењата.

Физичкиот ресет е подеднакво важен, иако често се занемарува. Започнете со кратки прошетки до половина час. Лесна телесна вежба или истегнување може да ја поттикне циркулацијата и да го намали чувството на тромост. Ако прејадувањето предизвикало проблеми со дигестијата, може да помогне и лесна масажа на стомакот или примена на топла облога за да се олесни работата на цревата. Телото бара редовен сон и основна рутина на движење за да ја врати рамнотежата. Престојот во природата позитивно ќе се одрази на расположението и ќе му ја врати енергијата на телото.