Вевчани подготвено за Вевчанскиот карневал на 12 и 13 јануари
Традиционалниот Вевчански карневал, една од најстарите живи карневалски манифестации на Балканот, ќе се одржи на 12 и 13 јануари со централна карневалска поворка на 13 јануари од 13 часот кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала. Ова беше најавено вчера на прес-конференција во Скопје по повод годинашното издание на „Вевчански карневал 2026“, кое традиционално се одржува на празникот Свети Василиј Велики.
Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, упати отворена покана до граѓаните да ја посетат манифестацијата нагласувајќи дека за време на карневалските денови целото село живее во духот на традицијата и заедништвото.
– Во Вевчани тие денови секоја куќа е отворена и насекаде ќе ве пречекаат со љубов. Ви советувам да облечете постара облека за да не се грижите дали ќе ве испрскаат со црвено вино. Карневалот и маските не се само за критика, туку, пред сè, за забава, изјави Кочовски.
Организаторите најавија и богата музичка програма. На 12 јануари од 20 часот ќе се одржат концерти на популарна музика, на кои ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“. На 13 јануари, исто така од 20 часот, ќе следуваат концерти на фолк-музика, со настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.
Вевчанскиот карневал, со традиција долга околу 1.400 години, претставува спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира и има силна социјална и културна улога во заедницата. Карневалот симболично го означува преминот од старата во новата година и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.