Од вечерва сите патишта водат кон Вевчани
Снежното Вевчани мирно и тивко. Под падините на Јабланица, како да го задржува здивот. Сè е подготвено за карневалското лудило. Се чекаат звуците на зурлите и тапаните кои утре ќе го означат долгоочекуваното дефиле.

Со првите тонови ќе се развиори Василичарското оро и ќе продолжи вековната традиција што го прави Вевчани посебно.
–Веќе утре влегуваме во маскенбалот. Почнувајки со поворката на Василичари што почнува од почетокот на Вевчани до центарот. Како и секоја година, Вевчани е подготвено и со отворено срце и полна душа ги очекува сите добронамерници кои сакаат убаво да си поминат, вели Спасе Кочоски градоначалник на Општина Вевчани.

Во овие денови, Вевчани наликува на слободен театар без граници – исполнет со хумор и сатира. Маските се подготвени, но далеку од очите на јавноста.
-За нас претставува светост. Еден обичај под маски, една традиција што се негува векови, претставува една едно богатство кое што вевчанецот го чува како нешто свое, го презентира во најдобра смисла пред пошироката јавност, вели Сашо Бетоски василичар.
Годинава на Вевчанскиот карневал присуствува музичка група од Белгија, кои веќе се воодушевени од вековните уникатни обреди.
-Истражувавме за карневалите ширум светот и дознавме дека Вевчанскиот е еден од најстарите карневали во Европа и во светот. И еве не уживаме со длабоки чувства. Почестени сме да го почуствуваме благодетот на овој вековен карневал. За нас е навистина чест, вели Енрике Новиеле музичар од Белгија.
Стенд ап Традиција, сатира и слобода. Вевчани ги брои последните часови до карневалската забава, а до утрешното дефиле маските се чуваат во стрoга тајност, далеку од очите на љубопитните посетители.
Новинар: Соња Рилковска