Утре со почеток од 20 часот започнува едно од највозбудливите зимски народни чествувања во Охридско – Василичарскиот маскенбал во Куратица.
Кко што велат организаторите, овој карневал е живописна мешавина од архаична традиција, забава, музика и уникатни маски, која секоја година ги собира локалното население и посетителите од пошироко. Маскираните учесници, инспирирани од народните обичаи, секојдневниот живот и современите теми, ќе дефилираат низ селото, носејќи радост, боја и насмевки насекаде околу нас.
Инаку, Василичарскиот карневал е дел од традицијата на празнување на Свети Василиј Велики и Василица, кој според стариот календар се слави среде јануари. Маскирањето има длабоки корени и има цел да ги „отстранува“ лошите духови, да носи среќа и добри желби за новата година. Во Куратица оваа традиција се негува со генерации – оригиналниот обичај почнува со посета на домаќинствата на маскираните учесници и продолжува со масовно маскенбалско дефиле, музика, прогласување на најкреативни маски и огномет.
Традиционалниот дел останува оригинален, пренесуван од колено на колено, кој почнува на 13 ти јануари оваа година околу 16 часот со зетот, невестата, бајачот валегачот, музикантите и учесници кои секој на свој начин маскирани тргнуваат во посета на сите домаќинства за бркање на лошите работи од домот и носење радост во домовите, предвидено е поворката да заврши околу 23:30 по што заедно со групата и селаните ќе има заеднички собир на курајчкото сретсело.
Главната прослава ќе се одржи утре, каде посетителите ќе можат да уживаат во народна музика и модерна забава, ќе го проследат главно дефиле под маски, но и ќе се воодушевуваат од огнометот и зимската карневалска атмосфера. За одличната атмосфера ќе се погрижат Благојче Стојановски – Туше и Империјал Бенд, а Стојан Стојановски е задолжен за директниот пренос.