На највисоко ниво со почитување на верските традиции и граѓански обичаи Охрид ќе ја одбележи најмaсовната верско- културна манифестација во земјава, Богојавление – Водици.
На денешниот состанок со Координтивниот одбор, градоначалникот Кирил Пецаков заедно со Владиката г. Георги, претставници од МПЦ, јавните претпријатија, од МВР, Капетанија, Црвен крст и нуркачите клубови ги дефинираа сите детали со цел настанот да биде реализиран во најдобар ред.

Централните празнувања се на 19 јануари. Започнуваат во раните утрински часови со свети и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите Св. Богородица- Каменско, Св. Георги – Горна Влашка Мала и Св. Никола -Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот на полагањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10 часот од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георги.
Во 12часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“, концерт ќе одржат фолк дивите, Елена Андоноска и Елена Велевска, а ќе се служи и топла ракија за сите верници и добронамерници. По традиција истиот ден од 9 до 15 часот, Црвен Крст – Охрид ја спроведува традиционалната крводарителска акција во ЦК „Григор Прличев“, „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ“ . Екипи на Црвен Крст ќе се задолжени и за безбедноста на капачите.
Истиот ден кај месноста Сараиште точно напладне свештено лице ќе го изврши бесплатното групно крштевање.
Наредниот ден, на 20 јануари кај Сараитше со заедничко капење и настап од охридскиот музички еснаф ќе се одржи денот на рибарите.
Како и минатата така и годинава за организација на граѓанскиот дел од манифестацијата е задолжена Општтина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, а за црковниот дел МПЦ-ОА односно Дебарско-кичевската епархија.
До 17 јануари, Централното градско подрачје и крајбрежјето треба да блеснат во празничен декор, а за чистотата на езерското дно ќе се погрижат нуркачите од двата охридски нуркачки клубови, „Амфора“ и „Охрид“. Во тек е и пријавувањето на капачите во сите парохиски цркви во градов. На 18.01.2026 (недела) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Од организацијата упатуваат апел и препорачуват до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 oC.
На настанот се најавени и се очекуваат претставници од дипломатскиот кор и останати претставници од политичкиот и јавниот живот во државава.