Мицкоски, Ахмети, Касами и Апасиев денес на лидерска средба
На иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците треба да се одржи лидерска средба на претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од опозициските пратенички групи, потврда за учество има од лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот на Мицкоски. Од коалициските партнери во Владата на средбата ќе присуствуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 8 јануари изјави дека не сака да седи со криминалци и го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“. Според него, техничката влада мора да остане затоа што била гарант за фер избори и контролен механизам за да се спречи злупотреба на институциите. За реформската агенда, пак, рече дека дискусијата за законите ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите.