УЈП: „Мој ДДВ“ не се укинува, налозите за исплата се подготвуваат
Управата за јавни приходи (УЈП) преку соопштение потврдува дека не се укинува мерката „Мој ДДВ“, а потврдија и дека се обезбедени пари и во буџетот за оваа година.
– Мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани може да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права во согласност со законските одредби, велат од УЈП.
Дека не се укинува мерката „Мој ДДВ“, дополнуваат од УЈП, во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“ објасни и директорката на УЈП, Елена Петрова, која посочи дека за 2025 година, за секое тримесечје, преку мерката се исплаќаат речиси 14,5 милиони евра директно кон граѓаните и во просек 502.000 граѓани активно скенираат фискални сметки и добиваат поврат на средства во едно тримесечје.
Од УЈП дополнуваат дека за последниот квартал од 2025 година исплатата ќе се реализира во февруари годинава за што се обработуваат налозите и во согласност со законските одредби исплатата ќе се реализира навреме. Во текот на 2025 година биле извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците што немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати.
-Во рамките на тековните технички подобрувања на системот можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување, се вели во соопштението на УЈП.