Во пресрет на еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици, екипи на охридските јавни претпријатија денес работеа на терен за целосно чистење на пристаништето.
– Спустот во езерските води, од каде што традиционално влегуваат капачите, е исчистен од наноси на камења, песок и отпад. Целта е да се обезбеди безбеден и непречен пристап за сите оние кои годинава ќе бидат дел од празничната манифестација и ќе се обидат да го фатат светиот крст, стои во објавата на градоначалникот Кирил Пецаков на Фејсбук.

Централните празнувања се во понеделник, 19-ти јануари. Чествувањата апочнуваат во раните утрински часови со свети и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите Св. Богородица – Каменско, Св. Георгиј – Горна Влашка Мала и Св. Никола – Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот на полагање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10:00 часот од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.
Инаку, во тек е и пријавувањето на капачите во сите парохиски цркви во градов, а на 18.01.2026 (недела) од 19-23 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.