24 годишниот Петар Чакарески од Струга е среќниот фаќач на Светиот крст во водите на реката Црн Дрим. Тој беше најсреќен меѓу стотината капачи кои денес пливаа во ладните речни води на температура од 8 степени. Петар вели на Водици се капи од дете, а за прв пат го фаќа крстот.
Прв пат го фаќам крстот. Секоја година скокам, можда од прва, втора година се капам стално. Здравје, среќа, љубов посакувам , да сме сите здрави и живи. Бог се јави, изјави Петар.

Митрополитот дебарско кичевски Владиката георги по завршувањето на Богојавленксиот водосвет на Охридското Езеро, годинава за прв пат ги освети и водите на Црн Дри. Илјадници верници распослани на кејот го следеа светиот чин. Меѓу нив беше и претседателката Гордана Сиљаноска Давкова која рече Дрим потсетува на Јордан.
–Прекрасно е чувството, како да сте покрај реката Јордан. Мислам дека на Дрим многу му личи да личи на Јордан. Честитки за фаќачот, но и за сите и оние кои скокаа по крстот и оние кои гледаа како мене. Гледате колку е силна вербата, гледам од овде до другиот мост скокаат луѓето. Се разбира еден ќе го фати крстот, ама сите можат да влезат во осветените води и да биде среќен. Мислам дека ова е нешто што не прави посилни и не прави подобри луѓе и подобри верници бидејќи ова е моментот кога Бог се јавил во сите свои три лика, изјави Давкова.

Се верува дека оној кој ќе го фати Чесниот крст ќе има благословена и бериќетна година, ќе го прати среќа. Воедно се верува дека сите оние кои денес се капат во осветените води ќе ги следи здравје и бериќет.
Векови наназад, реката Црн Дрим е сведок на верата, надежта и заедништвото што на овој ден ги обединува луѓето од сите генерации. Покрај традиционалниот поздрав ‘Бог се јави – Навистина се јави’, верниците ја носат осветената вода во своите домови, каде се попрскуваат куќите за здравје и бериќет.
Соња Рилковска