Skip to main content

Кога медицината подава рака на хуманоста: Со меѓународна поддршка започнува 8-мата сезона на „Ги запознаваме ретките болести“

Светот се обединува за македонските пациенти – Започнува 8-мата сезона на „Ги запознаваме ретките болести“
 |  инфодеск  | 

Постојат дијагнози кои се ретки, но надежта и солидарноста мора да бидат сеприсутни. Со силна визуелна порака од медицински експерти од целиот свет, на 1-ви февруари официјално се отвора осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“.

Оваа година, кампањата започнува со моќен меѓународен поттик. Во официјалното видео, доктори од различни земји, со дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, испраќаат порака дека науката и човечноста не познаваат граници. Тие обоени дланки се ветување дека нашите пациенти не се сами во својата тиха борба.

Светлина која ќе свети за невидливите Кампањата, предводена од граѓанскиот активист Гордана Лолеска и здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“, оваа година го осветлува патот на пациентите – буквално и преносно. На 1-ви февруари, знаменитостите низ државата ќе се обојат во боите на ретките и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста на општеството кон потребите на овие граѓани.

-8-мата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите во видеото се симбол на прифаќање и разбирање. Нашата цел е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да ги отвори вратите за подобра терапија и достоинствен живот на секој поединец со ретка дијагноза, – изјави Гордана Лолеска, претседател на „Ретко е да си редок“.

Како и во изминатите години, кампањата продолжува со својата професионална едукативна дејност:

  • Стручна експертиза: Нови текстови и видеа за ретки болести, подготвени во соработка со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници.
  • Двојазична достапност: Сите материјали ќе бидат достапни на македонски и албански јазик, со цел информациите да стигнат до секое семејство.
  • Месец на свесност: Целиот февруари ќе биде исполнет со содржини кои ги прават „невидливите“ дијагнози – видливи за институциите и јавноста.