Македонскиот игран филм „17“ на Косара Митиќ селектиран во натпреварувачката програма „Перспективи“ на Берлинале
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ на режисерката Косара Митиќ ќе ја има својата светска премиера на 76. Берлински филмски фестивал во февруари, во натпреварувачката селекција „Перспективи“. Продуцент на филмот е Томи Салковски и „Црна мачка продукција“. Информацијата беше соопштена денес на прес-конференција во Берлин. „Перспективи“ е програма посветена на најдобрите дебитантски филмови на светско ниво.
„17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Во филмот играат актерките Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ и др.
Филмот „17“ ја следи приказната за седумнаесетгодишната Сара, која заминува на училишна екскурзија криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и таа ќе стане сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, двете девојки ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network), како и програмата CineLink Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.
76. издание на Берлинскиот филмски фестивал ќе се одржи од 12 до 22 февруари, а селекцијата на „17“ претставува уште еден значаен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена.