Од денес извод на родени, починати, венчани и потврда за брачна состојба на Националниот портал за услуги
Министерството за дигитална трансформација и Фондот за здравствено осигурување означија почеток на интензивна соработка со конкретни резултати – воведување нови електронски услуги од областа на здравственото осигурување и техничко поврзување на ФЗОМ со Централниот регистар на население (ЦРН), со што се поедноставуваат постапките и се намалува административниот товар за граѓаните и бизнисите.
– Што се однесува до бројките, во 2024 година ние имавме 120 илјади корисници на Порталот, со помалку од половина услуга по корисник. Во моментот имаме преку 240 илјади корисници на Порталот и преку 300 илјади корисници на Системот за единствена најава, а бројот на услуги е зголемен за 100, 120 проценти. Тоа покажува дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги, ако тие им ја завршат работата. Никој од нас не сака да чека редови и тоа да го прави хартиено доколку може да си извади електронски документ, истакна Андоновски денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е досега искористеноста на електронските услуги од граѓаните и дали сето ова значи целосно исфрлање на хартијата.
Министерот нагласи дека станува збор за услуги „кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат непотребното чекање и физичко присуство на шалтери.“
За правните лица, за прв пат е овозможена електронска услуга за:
* Издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (целосно дигитално, достапно во секое време).
За физичките лица, воведени се следните е-услуги:
* Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување,
* Потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес,
* Потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
– Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса. Што се однесува до нови услуги коишто ги нудиме, како што беа ваучерите за студенти, намерно стратешки решивме тие да бидат исклучиво преку Порталот за услуги, за да ги научиме дека можат и треба да го користат, да го испромовираме кај помладите, изјави Андоновски.
Во однос на услугите од Управата за водење на матичните книги од денеска, како што рече министерот, тие се целоно мигрирани на Националниот портал, што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални за разлика од претходно.
– Потврдите, односно извод од матична книга на родени, матична книга на венчани, умрени и новата услуга слободна брачна состојба, од денеска се целосно достапни на Порталот и со неколку клика граѓаните може да ги добијат и тие услуги, што ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење на матични книги и поголема контрола од страна на нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие услуги, нагласи Андоновски.
Андоновски и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција информираа дека за физичките лица воведени се електронските услуги: потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа, а за правните лица овозможена е електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување.
-Ова е пример како дигиталната трансформација треба да изгледа во пракса: институции кои соработуваат, системи кои се поврзуваат и услуги кои функционираат во корист на граѓаните, потенцираше Андоновски.