Градоначалникот Пецаков дел од првата седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, учествуваше на првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која се одржа денеска во Битола.

На настанот присуствуваа сите 18 градоначалници на двата региона, со што официјално започна оперативната фаза на регионалниот систем за управување со отпад.

На седницата беше истакнато дека воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините, институциите и меѓународните партнери и претставува значаен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.
Во рамки на состанокот беше презентирана и новата веб-платформа „Регион без отпад“, која ќе служи како централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на работата и напредокот на регионалниот систем.

Посебен акцент беше ставен на планираните активности за првата половина на 2026 година, меѓу кои се изградба на претоварни станици, набавка на возила и опрема, изработка на нов Регионален план за управување со отпад, формирање на регионално комунално претпријатие, како и зајакнување на комуникацијата со граѓаните и управувањето со податоци.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.
