Skip to main content

Вработените во охридската подружница на АД Македонска Пошта протестираа поради доцнење на платите

Вработени во охридската подружница на државната компанија „Македонски пошти“ денеска се приклучија на протестот на колегите низ целата држава на кој го искажаа својот револт поради доцнењето на декемвриската плата. Од синдикатот велат дека ненавремена исплата на платите преминало во пракса која мора да прекине бидејќи вработените живеаат во стрес и финансиска неизвесност.
 |  Маја Савиќ  | 

Поради задоцнетата исплата на платите, вработените во АД „Македонска пошта“ денеска протестираа низ целата државата. Во охридската филијала вработените беа на своите работни места, но не ги опслужуваа граѓаните, не примаа и доставуваа пратки и не се извршуваа услуги од платен промет.

Доцнењето на исплата на платите на вработените во акционерското друштво се случува наназад изминатите две години, вели Зоран Петрески, повереник на Синдикалната организација на поштенски работници во Македонска пошта, но посочи дека денешниот протест е поради доцнењето на платата за декември.

Досега наназад секогаш кога го правиме протестот има плата веднаш, не се сомневам дека и денеска до 15 часот ќе имаме плата, меѓутоа ова стана навика. Сакаме да прекине таа навика. Не обвинувам никого и не сакам ова да добе политички контекст или препукување меѓу синдикатите. Ние не се чувствуваме како да сме вработени. Не се работи само за подржужница Охрид под која потпаѓа и Струга и Дебар. Во иста состојба сме сите, изјави Зоран Петрески – Повереник на СОПР.

Затоа што проблемот се провлекува од месец во месец, Петрески вели дека веќе заборавиле како изгледа навремен личен доход и поради тоа незадоволството расте. Голем дел од вработените живеат во континуиран стрес и финансиска неизвесност, вели тој.

– Во нареден период очекувам дека Владата ќе си ги исполнува законските обврски до 15ти во месецот да ни биде исплатена плата. Ние сме веќе во поодминати години сите, младите веќе не сакаат да се вработуваат во пошта. Имаме обврски према семејството и кон банките, навременото земање личен доход ќе не ослободи од тие грижи од навремено сервисирање на нашите обврски, вели Петрески.

Проблемите во Македонски пошти се напластени низ годините,велат синдикалците, од нелојална конкуренција, немање услови за работа, работа во простории без греење, без опрема и технички средства и возила за поефикасно обавување на работата.

Од раководството на АД Македонски пошти, пак, со соопштение до медиумите информираа дека платата е обезбедена за што навремено го информирале синдикатот и обвинија дека вработените биле злоупотребени од одредени политички структури кои тенденциозно се обидувале да го нарушат работењето на Македонска пошта. Оттаму додаваат дека биле во постојана комуникација и координација со Владата и со соработка, во континуитет ги надминувале сите проблеми кои настануваат во тековното работење.