Skip to main content

„Оне Македонија телекомуникации“ официјално е третиот мобилен оператор

One Macedonia, подружница на унгарската 4iG Групација, официјално ја доби националната лиценца за работа како трет мобилен оператор во земјата.
 |  инфодеск  | 

„Оне Македонија телекомуникации“ на унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ и формално е трет мобилен оператор во државата. Официјализирањето на влезот на компанијата на македонскиот телекомуникациски пазар се случи на денешната свечена прес-конференција на која раководството на „Оне Македонија“ ја доби лиценцата за 5Г-радиофрекфенции од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Директорот на АЕК, Јетон Акику, ги врачи трите одобренија што се доделуваа со тендерот на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, и на Габор Алтман, заменик-извршен директор во компанијата. Тој рече дека со доделувањето на лиценцата за трет мобилен оператор во земјава, практично ќе бидат надминати забелешките во извештаите на Европската комисија дека во земјава нема конкуренција на пазарот на мобилни оператори.

-Ова не е само лансирање на уште една телекомуникациска компанија. За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот Западен Балкан, регион кој е клучен за нашиот долгорочен раст. Северна Македонија игра важна улога во нашите пошироки амбиции за дигитална инфраструктура. Проектот за подморски кабел Албанија-Египет и поврзаниот проект „Балкански столб“, кој е поддржан од Европската комисија, отвора нов стратешки дигитален коридор помеѓу Европа и Африка. Географската и стратешката положба на Северна Македонија природно ја прави точка за проширување за оваа инфраструктура, зајакнувајќи ја релевантноста на земјата во регионалната и континенталната поврзаност на податоци. Оваа земја ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци, изјави Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „ОНЕ Македонија“ и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата.

Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.

Игор Бојаџиев, претставник на Агенцијата за електронски комуникации, соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплатил еднократниот надомст во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполни сите услови да ги добие трите одобренија.

Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.