Skip to main content

НУ Библиотека Григор Прличев

Софија Стојанова е авторот на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев

На младата Софија во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ кој ќе се одржи на 6 февруари ќе и биде доделена парична награда од 9000 денари и признание со ликот на Прличев.
 |  инфодеск  | 

Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица. 

Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“ таа го докажа авторството а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева. 

-Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката. 

Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата: 

2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип

2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица

2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица

2025 – Прва награда на литературниот конкурс  ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица

2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип

Од Библиотеката информираат дека на младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9000 денари и признание со ликот на Прличев.