Skip to main content

Индија и ЕУ постигнаа договор за слободна трговија

ЕУ и Индија постигнаа историски договор за слободна трговија создавајќи најголема трговска зона во светот
 |  инфодеск  | 

Европската Унија и Индија склучија договор за слободна трговија вчера во Њу Делхи, со што се создаде најголемата зона на слободна трговија во светот.

По речиси две децении преговори со прекини, договорот ќе овозможи Индија да го отвори својот огромен и заштитен пазар за слободна трговија со 27 земји од Европската Унија, нејзиниот најголем трговски партнер. Индија и ЕУ се надеваат дека договорот ќе ја зголеми трговијата со намалување на царините во многу сектори. Договорот треба да им овозможи на двете страни подобро да се заштитат од кинеската конкуренција и последиците од царините кои ги воведе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

-Постигнат е голем договор меѓу Европската Унија и Индија. Луѓето ширум светот го нарекуваат ‘мајка на сите договори’. Со него ќе се отворат можности за 1,4 милијарди луѓе во Индија и милиони луѓе во Европа, рече индискиот премиер Нарендра Моди во говорот во Њу Делхи додавајќи дека договорот опфаќа приближно 25 проценти од глобалниот бруто домашен производ и една третина од светската трговија.

-ЕУ и Индија денес пишуваат историја, продлабочувајќи го партнерството меѓу најголемите демократии во светот. Создадовме зона на слободна трговија од 2 милијарди луѓе, при што двете страни ќе имаат економска добивка. Испративме сигнал до светот дека соработката заснована на правила сè уште дава одлични резултати, рече Фон дер Лајен за време на самитот ЕУ-Индија во Њу Делхи.

Според претставници на владата на Индија, дека формалното потпишување на договорот се очекува се случи во наредните пет до шест месеци, а неговата целосна имплементација во рок од една година. Според договорот, Индија постепено треба да ги намали царините за увезени автомобили од 110% на дури 10%, а царините за автомобилски делови треба да бидат укинати по пет до 10 години, соопшти Комисијата.