Skip to main content

Протестите на транспортните компании продолжуваат: денес чекаат одлука од Европската комисија

Транспортните компании денес очекуваат решение од Европската комисија за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, кој е лимитиран на 90 дена во период од шест месеци.
 |  инфодеск  | 

Здруженијата на транспортни компании од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија, кои организираа заеднички протест, и натаму ги блокираат граничните терминали за товарен транспорт кон земјите на Европската Унија. Сепак, денеска очекуваат решение од Европската комисија за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, кој е лимитиран на 90 дена во период од шест месеци.

Европската комисија во октомври 2025 година го воведе електронскиот систем за евиденција на влез и излез (Exit Entry System – EES), со кој строго се контролира должината на престојот на возачите во 29 земји од ЕУ и Шенген-зоната. Со оваа мерка, како што наведуваат транспортните компании, работното време на возачите е практично преполовено, што од 26 јануари доведе до целосна блокада на товарните гранични премини меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Од Европската комисија, чии земји веќе трпат економска штета поради прекините во снабдувањето со стоки од регионот, вчера најавија дека денес ќе биде објавена работна верзија на новата визна стратегија на Унијата. Таа треба да предвиди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген, преку воведување специјални визи.

Транспортните компании претходно порачаа дека протестот нема да биде прекинат сè додека не се најде конкретно решение, особено откако во изминатите денови повеќе возачи беа казнети поради надминување на дозволениот престој во европските земји.

Дополнителен проблем, како што посочуваат превозниците, е недостигот на професионални возачи во Европа. Компаниите не можат да ангажираат нови кадри, ниту финансиски да ги издржат постојните возачи кои се принудени да чекаат почеток на новата дозволена „квота“ за престој во Шенген-зоната.