ССМ и работниците на протест за зголемување на минималната и сите останати плати
Со транспарентот „Протестираме за плата“, а под мотото „Без договор на маса – протест на улица“, работниците вечерва ги исполнија улиците на Скопје, испраќајќи силна порака за незадоволството од ниските примања и сѐ повисоките трошоци за живот. Протестот беше организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), со цел јавно да се изрази поддршка за барањата на работниците.
Собирот започна пред Работничкиот дом – симболот на работничката борба – каде синдикалните претставници повторно ги потенцираа клучните барања: минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра. Протестната поворка продолжи кон Собранието на Република Македонија, каде демонстрантите со извици „Уа“ и „Лопови“ го искажаа својот револт кон пратениците, обвинувајќи ги дека не покажуваат подготвеност за отворање сериозна дебата за животниот стандард на работниците.
На протестот активно учествуваат и вработени во полицијата, откако Македонскиот полициски синдикат (МПС) донесе одлука да се приклучи на синдикалниот марш. Од МПС информираа дека ја поддржуваат иницијативата на ССМ за зголемување на платите за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата, но и бараат покачување од 20 отсто за вработените во МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција.
Синдикатите предупредуваат дека минималната плата од 24.379 денари не ги покрива ниту основните животни трошоци и дека е повеќе од двојно пониска од износот на синдикалната потрошувачка кошница. Според нив, додека платите на работниците стагнираат, примањата на функционерите бележат значително побрз раст.
Протестот доби поддршка од повеќе синдикални организации од различни сектори, како и од дел од опозициските партии. Од Владата повторија дека законското зголемување на минималната плата е предвидено за март, додека премиерот Христијан Мицкоски оцени дека зад протестите, покрај социјалните, стојат и политички мотиви.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија најавија дека доколку не добијат конкретен одговор на нивните барања, синдикалниот притисок ќе продолжи и во наредниот период.