Skip to main content

Jавната свест за органодарителството кај нас сè уште е на релативно ниско ниво

Подигнувањето на јавната свест за поддршка на органодаристелството беше тема на панел-дискусијата „Органодарителството во Македонија“ што во организација на Младинскиот центар се одржа во Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Органодарителство е највисока и најблагородна форма на хуманизам. Да се донира орган значи да се подари живот. Но јавната свест за органодарителството кај нас се уште е на релативно ниско ниво. Се повеќе млади луѓе има на листите на чекање за пресадување орган. Најмладиот пациент што чека срце е девојка на 26 години. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Подигнувањето на јавната свест за поддршка на органодарителството беше тема на панел-дискусијата „Органодаристелството во Македонија“ што во организација на Младинскиот центар се одржа во Охрид.

Соња Столеска, професорка по информатика го сподели своето искуство како пациент со пресаден црн дроб. Таа рече дека после четири години, со бројни абдоминални и плеурални пункции и над две илјади албумински терапии ја добила шансата за живот со трансплантација извршена во Белград.

-Нема поголема хуманост од тоа да се дарува орган. Тоа не значи само спасен живот, туку тоа значи давање надеж, давање можност за некого да се омажи, да се ожени, дете да порасне, лице да остари.
Државата е пред се, државата мора да покрене активност околу оваа тема која е во сенка, да дојде на врвот. Второ потребно е многу пари, болници, кадар, и само така ќе можеме да одиме напред, но за органодарителството мора малку свеста кај сите граѓани да се развие
. Органодарителството е многу хумано. Тешко е чекањето, но потоа се живее многу нормално,
рече Столеска.

На листите за чекање има многу млади луѓе, возрасната граница се намалува. Многу од пациентите кои чекаа орган, за жал, не дочекаа трансплантација што значи живот. Тоа е последица што свеста за органодарителството е на многу ниско ниво, вели Ирена Ралева – Најдевска, сопруга на лице кое чека орган за пресадување, активистика и поддржувач на Националната кампања за органодарителство на здружението Храбро срце.

– Можам да кажам листата за трансплантација на срце на која има лица кои не носат механичка поддршка и пациенти кои се зависни од машините, тие практично живеат со батерии и со струја, се додека не се замени со срце од починат донор. Досега во Македонија не е направена трансплантација на пациент што носи механичка циркулаторна поддршка односно со механичка пумпа наместо срце. Сметаме дека е крајно време да се почне и таа трансплантација кај вакви пациенти затоа што седум години пациентите чекаат на листата за трансплантација. Затоа што нема донори, рече Ралева – Најдевска.

За прв пат во историјата на македонското здравство во 2020 година се трансплантираше срце, следната година беше изведена првата трансплантација на коскени ткива, за да во 2023 година да се трансплантира и првиот црн дроб во земјава. Додека од 2012 година до сега направени се над 520 трансплантации на бубрези, што е рекорден број. Во земјата постои подготвеност во поглед на медицинската екипираност, за спроведување на самиот процес на трансплантација и позитивно е што последните години се спроведува мултиорганска трансплантација од починат донор, вели хирургот, проф д-р. Сашо Дохчев. На листата на чекање за трансплантација на бубрези има стотина пациенти и неопходно е да се стави акцентот на кадаверичната трансплатација, посочува д-р Дохчев.

-Ние сите како луѓе сме потенцијални дарители на орган, освен доколку за време на животот изричито не се изјасниме на нотар дека сме против донирање орган. На крај, последниот збор за нашето дарување орган треба да го даде семејството, да се потпише и да одобри за секој орган посебно. Тоа доста тешко оди, но тоа е во организација на државата. Ние сме крајните извршители, јас како хирург, рече проф д-р. Сашо Дохчев.

На дебатата во Охрид присуствуваа и претставници на православната и католичката црква, како и на исламската верска заедница, кои посочија дека ниту една од тие вери не забранува органодарителство.

На трибината беше посочено дека треба паралелно да се работи на подигнување на свеста кај луѓето за органодарителство со поголем ангажман на државата и издвојување средства за подобрување на можностите за спроведување на самиот процес на пресадување органи.