Извештајот за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро е официјално доставен до УНЕСКО, информираше денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Според неговата изјава, одлуката дали Охридскиот регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност се очекува во јуни, на следната сесија на УНЕСКО што ќе се одржи во Јужна Кореја. Министерот нагласи дека институциите мора да бидат подготвени за сите можни сценарија.
Љутков посочи дека актуелната состојба со Охрид и Охридското Езеро е резултат на процеси што траат повеќе од три децении. Извештајот е изготвен врз основа на податоци од сите релевантни институции, во координација со Албанија, а претходно е разгледан и усвоен од Националната комисија за УНЕСКО и од Владата.
Во меѓувреме, формиран е Кризен штаб кој досега одржал два состанока и дал мислење за состојбата и за понатамошните чекори. Според министерот, рокот од седум месеци што го постави УНЕСКО претставува јасен сигнал дека постои сериозен ризик Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
Инаку, Македонија и Албанија имаат обврска најдоцна до 1 февруари 2026 година да достават детални извештаи за преземените мерки, со цел зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско природно и културно наследство.