Од денеска ќе се казнуваат прекршоците детектирани од камерите на „Безбеден град“
Од денеска во Скопје, Куманово, Тетово и на автопатските коридори 8 и 10 започнува казнувањето со електронскиот систем за сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Системот ќе ги следи и казнува најчестите прекршоци, а граѓаните ќе ги добиваат известувањата преку СМС и електронска пошта.
Во гостувањето во Дневникот на МТВ, Тошковски информираше дека од вчера е применлив нов Правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за возачите, како одговор на бројните реакции од јавноста забележани во почетната фаза од имплементацијата на системот. Новите измени, како што истакна министерот, имаат за цел пофер и поефикасна примена на сообраќајниот надзор, без отстапување од основната цел – зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Според новите правила, доколку ограничувањето на брзината е 30 километри на час, камерата ќе регистрира прекршок при брзина од 37 км/ч. Кај ограничување од 50 км/ч, санкција ќе следи при возење од 60 км/ч, додека при дозволени 100 км/ч, казна ќе се изрекува од 113 км/ч.
Тошковски најави и дополнителен проект кој ќе се реализира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком. За прекршоците направени во рамки на толеранцијата, граѓаните ќе добиваат информативни СМС-пораки, без парична казна, со цел навремено да бидат предупредени дека ја надминале дозволената брзина.
„Иако во тие случаи нема казна, доколку некој со таква брзина предизвика сообраќајна незгода со тешки последици, ќе одговара кривично“, предупреди министерот.
Тој нагласи дека целта на системот „Безбеден град“ не е полнење на буџетот, туку намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и загубени човечки животи.
Инаку, согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.