Денес се навршуваат 43 години од смртта на д-р Елена Етингер Каваева, личност која оставила длабоки траги во колективната меморија на охриѓани.
Д-р Каваева, заедно со сопругот, д-р Владимир Кавај, се основоположници на Македонскиот здравствен систем. Нејзиното име во Охрид се’ уште е метафора за чистота и лична хигиена. Целиот нејзин живот бил поврзан со силна посветеност кон медицината, со многу спасени животи, многу излечени деца во првиот детски диспанзер, но и со искоренувањето на маларијата во Охрид, Струга, цела Македонија, но и во Албанија.

Родена во 1903 година во Ченстохова, Полска, Елена Каваева својата професионална и животна мисија ја врзува за Охрид, каде што пристигнува во 1923 година заедно со сопругот, д-р Владимир Каваев. Во време кога здравствените услови биле исклучително тешки, а заразните болести честа појава, таа започнува пионерска работа во унапредувањето на јавното здравје.
Најголемиот дел од својот професионален ангажман го посветува на грижата за децата. Таа е основач и раководител на првиот детски диспанзер во Охрид, познат како „Маларична“, институција што одиграла клучна улога во борбата против маларијата и другите заразни заболувања. Низ нејзините раце поминале илјадници деца, при што медицинската помош често била давана бесплатно, без оглед на верата, националноста или материјалната состојба на пациентите.
Д-р Каваева работела и во исклучително тешки историски околности, вклучително и за време на Втората светска војна, кога хуманоста и лекарската етика ги ставале во прв план човечкиот живот и достоинството. Нејзината посветеност на професијата и на луѓето ја направиле една од најпочитуваните личности во Охрид.
Починала во 1983 година во Охрид, градот кој го одбрала за свој дом и во кој оставила неизбришлив траг. Денес, нејзиното име се споменува со длабока почит.
Д-р Елена Каваева останува симбол на хуманост, пожртвуваност и професионализам – пример како еден човек може да го промени животот на цела заедница.