Skip to main content

Марта Пејоска – дел од генерацијата која го „оживеа”  филигранот

Во срцето на Охрид,  уметницата Марта Пејоска  ја оживува традицијата на филигранството. Приказна за изборот да се остане, за занаетот што преживува и за љубовта кон градот.
 |  инфодеск  | 

Во срцето на стариот дел на Охрид, меѓу камените улички, се наоѓа ателјето на Марта Пејоска. Катче, каде  се создава накит кој е продолжение на една традиција што со векови била  белег на градот. Таа  е дел од генерацијата филигранисти – возобновувачи.
Дипломиран архитект, дизајнер на накит и современ филигранист, кој умешно го спојува  современото со автентичното.


„Во 2005 година, преку проект за ревитализација на стари занаети во Скопје, го научив филигранскиот занает, во време кога тој беше на раб на изумирање. Речиси никој не сакаше да го работи. Иако дипломирав архитектура, филигранот остана во мене и не ме пушти”, вели Марта Пејоска.

Наместо сигурен ангажман, Марта го избра потешкиот пат – да остане во родниот Охрид и да живее од занает кој бара трпение, посветеност и љубов.


По дипломирањето се вратив во Охрид и решив тука да останам, иако мислев дека ќе живеам некаде надвор. Најлесно ќе беше да се вработам некаде, но решив да го послушам внатрешниот глас и да го одберам потешкиот пат”, вели Пејоска.

Филигранот, некогаш се пренесувал исклучиво  од генерација на генерација во семејствата на старите мајстори, денес преку Марта добива нов живот. Нејзината љубов кон Охрид не завршува во ателјето – таа продолжува на планината и на езерото, Марта  е  волонтер во Планинската спасителна служба и едриличар.

Новинар: Соња Рилковска