Одбележани 154 години од раѓањето на Гоце Делчев
Денес се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Централното чествување по повод раѓањето на Делчев, традиционално се одржа во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе положија премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, делегација од Град Скопје, како и делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија.

-Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеал, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава. Денес да го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.