ССМ бара намалување на функционерските плати за 80 проценти
Сојузот на синдикатите на Македонија денес поднесе законска иницијатива со која предлага функционерските плати да се намалат за 80 отсто, преку промена на начинот на нивна пресметка и намалување на постојните коефициенти. Според предлогот, основицата за пресметување на платите на пратениците и другите избрани и именувани лица треба да биде минималната плата во државата, според податоците на Државниот завод за статистика. Дополнително, коефициентите утврдени во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и функционерите се предлага да се намалат за 40 проценти, што во пракса, како што наведуваат од ССМ, значи вкупно намалување од 80 проценти на функционерските плати.
-За да бидат граѓаните на Македонија еднакви пред националните закони, како и пред меѓународните акти и принципи, потребно е појдовната основа за градење на платите на сите работници и граѓани да биде еднаква, наведува ССМ во соопштението, додавајќи дека таа основа треба да биде минималната плата.
Во образложението, од ССМ наведуваат дека ваквото решение произлегува од уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и од меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човекови права. Според синдикатот, доколку минималната плата, како што тврдат Владата и работодавачите, е доволна за задоволување на основните животни потреби, тогаш таа треба да биде и појдовна основа за пресметка на платите на функционерите.
–Не може на работниците да им се кажува дека добро се живее со минимална плата, а истовремено предлогот за зголемување на минималната плата и на сите останати плати за најмалку 6.000 денари да се чува во фиока. Ако им велите на работниците да се договараат со газдите, тогаш договорете се и вие со работниците за вашите плати, порача Трендафилов.
ССМ потсетува дека во 2023 година заедно со Владата го потпишале Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој како основица за платите беше предвидена просечната плата, но, како што наведуваат, Владата не го спровела договорот и побарала укинување на тоа право за вработените. Оттука, синдикатот предлага истиот принцип да важи и за платите на функционерите, избраните и именуваните лица.