Skip to main content

Охридското книжевно наследство збогатено со делото „Охридска книжевна историографија“

Со „Стихови и звуци за Прличев“ во Спомен куќата на Григор Прличев продолжија денеска чествувањата на неговиот лик и дело.
 |  Маја Савиќ  | 

Со „Стихови и звуци за Прличев“ во Спомен куќата на Григор Прличев продолжија денеска чествувањата на неговиот лик и дело.

Иако поминаа 133 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев и денес живеат во духовната меморија на нашиот народ и претставуваат светол патоказ за идните генерации, кажа во обраќањето пред присутните замениок градоначалничката Ана Крстеска. Таа им ги врачи наградите на Јана Каневче и Климент Колевски за нивните литературни творби провонаградени на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

– Им честитам на сите ученици кои со својот талент, труд и љубов кон пишаниот збор покажаа дека Прличевото духовно наследтво живее и продолжува. Се надевам и искрено посакувам дека меѓу овие млади ученици кои се денес тука со нас ќе се истакне некој нов, уникатен уметнички талент кој ќе ја збогати охридската книжевна ризница, кажа Крстеска.

Како симбол на заложбата на Општина Охрид за еднаков пристап до литературата за сите и посветеност кон инклузивноста, Крстеска им врачи два примерока од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски отпечатена во Брајово писмо на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид.

На свеченоста беше промовирана книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Авторите работеле на ова дело десетици години, односно ги читале авторите што се опфатени во оваа книга и се дружеле со нив. Но според Пандев клучно во оваа книга е како и пристапуваат на историографијата, во онаа смисла во која што бараме кодови.

– Сакам да ги истакнам клучните две реченици што се вклопени во првиот дел од оваа книга, а тоа се токму оние записи историографски, врз кои што подоцна се заснова и вториот дел, односно Охридската книжевна историја. Клучниот детал во автобиографијата на Григор Прличев гласи: „Многу псалми преведени на македонско наречје се читаа по црквите и им вдахнуваа свештен ужас на христијаните”. Ова се однесува негде на 1861 година кога почнува црковно народниот подиг во Охрид, а го водат Григор Прличев и Кузман Шапкарев, двајца лути противници. Втората реченица му припаѓа на Темко Попов и таа гласи: „Националниот дух во Македонија до такво дереџе денеска е стигнал, што тој и сам Исус Христос, ако слези од небоно, не може да го убеди Македонеца оти тој е Бугарин или Србин“. Ова го кажале и Прличев и Попов, автори на кои што ние сме им се восхитувале, потенцираше Пандев.

– Сакам оваа книга да ја препорачам на читателите и со внимание да го проследат историскиот развој на Охрид преку литературните дела, преку книжевноста и да се види што е документарно, а што е литературна или уметничка фикција, кажа Славе Ѓорѓо Димоски.

-Имам таква чест и таква привилегија да соработувам со овие неуморни луѓе кои создаваат, го зачувуваат културното книжевно наследство, а со тоа и воопшто целокупното културно и историско наследтво на Македонија и ја обезбедуваат иднината бидејќи сите сме сведоци дека и денес иако е анахронизам на некои минати векови се уште има луѓе кои тврдат дека сме нешто друго од она што сме, а сите до еден во чии крштеници пишувале вака или онака, сите се заминати со последниот збор Македонија на Македонците, кажа во своето обраќање уредникот на едицијата Охридско книжевно наследство, Митре Велјаноски.

„Охридска книжевна историографија“ е тринаесетта книга издадена од општина Охрид во рамки на едицијата Охридско книжевно наследство и во ова значајно издание на околу триста страници, хронолошки и антолошки се прикажува историјата на Охрид низ пресекот на книжевноста и историографијата, создавана од охриѓани.