Skip to main content

Заев ги отфрла политички мотивираните обвинувања за неговата поврзаност со случаите со канабис, се закани со тужба

Заев: Пет години сум надвор од политиката, доста е од лагите и клеветите
 |  инфодеск  | 

Експремиерот Зоран Заев преку Фејсбук пост јавно ги демантира, како што ги оценува, лагите и клеветите што, според него, со години ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, партиските портпароли и медиуми блиски до партијата. Тој истакнува дека веќе пет години е целосно надвор од политиката, откако поднел оставка од сите политички и државни функции, но и покрај тоа, неговото име, како што вели, континуирано се злоупотребува во јавноста.

Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди. Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста, напиша Заев.

Тој ги демантира обвинувањата дека се јавувал во Царинската управа и ги нарекува лаги сите наводи за наводни бизниси, притисоци и мешање во институциите. Вели дека со години трпи навреди, но дека сега е доста и најавува тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ доколку не се извинат во законскиот рок, со цел правно да го заштити своето име.