Skip to main content

Платена, а некористена: како Општина Струга потрошила 6,4 милиони денари за цистерна која никогаш не била ставена во употреба

Милионска цистерна што никогаш не проработела: 6,4 милиони денари потрошени, проблемите останале
 |  инфодеск  | 

Општина Струга објави дека во 2023 година набавила вакуум цистерна за одржување на водоводни и канализациони системи во руралните подрачја, со вредност од 6.400.000 денари со ДДВ, согласно склучен договор.

-И покрај значителниот финансиски износ платен од јавни средства, цистерната никогаш не била ставена во употреба. Дополнително, при извршен увид е утврдено дека истата не е функционална и не може да ја извршува својата намена, велат од општината.

Денес, Општина Струга се соочува со последиците од ваквите практики и одлуки донесени во минатото. Наместо подобрени услуги и поефикасно одржување на инфраструктурата, останала нефункционална опрема и финансиска штета која директно ја чувствува локалната заедница.

Надлежните посочуваат дека обврска на актуелното раководство е состојбите да се прикажат транспарентно, да се направи темелна анализа и да се постапува одговорно во интерес на јавноста. Овој случај, како што се наведува, претставува дел од реалноста што денес се наследува и јасен пример зошто прашањата за отчетност, одговорно управување и контрола на јавните трошоци мора да бидат во фокусот на институциите.

Ваквите примери, според надлежните, не смеат да се повторуваат, а секој денар од јавниот буџет мора да биде вложен со јасна цел, функционалност и корист за граѓаните.