Потребно е да создаваме политики и клима што повеќе девојки и жени да се вклучат во науката
На УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид денеска беше одбележан Меѓународниот ден на жените и девојките во науката. Целта е што повеќе жени и девојки да се охрабрат да се вклучат во академскиот живот и професионално да се реализираат во науката, технологијата, инженерството и математиката.

На УИНТ имаме одличен баланс помеѓу мажи спрема жени со вклученост на околу 30% студентки што за технички науки е солиден процент, велат професорите од оваа високообразовна институција.

– Во моментов можеме да се пофалиме со над 30% девојчиња како наши студентки и можам да кажам дека средината се повеќе и повеќе се освестува за ова прашање . Нашите колеги се и тоа како сензибилизирани за овие прашања. Се повеќе стипендии се наменети баш за девојчиња и жени во науката , тоа се стипендии од Google, Microsoft, Tesla па дури и од автомобилскат индустрија кои се повеќе финансираат жени. Тоа го има и во Македонија, се повеќе стипендии, се повеќе обуки дури и предност при некои семинари или некоја студиска група се дава на девојчиња, истакна Проф. Мерсиха Исмајлоска од УИНТ „Св Апостол Павле„ – Охрид..

– Стеротипите мислам дека се надминати и во 21 век нема смисла да разговараме веќе за тоа дали жените се еднакви со мажите. Имаме доста докажани студентки кои што успеале, имаме наши алумни кои се во престижни фирми кои се вработени или студираат на престижни универзитети низ Европа…. Шансите за успех се подеднакви за сите, знаењето кое го нудиме го прифаќаат подеднакво добро и мажите и жените, така што се е солидно од тој аспект, кажа Атанас Христов – Проректор за наука.
Евгенија Пулеска, студентка на трета година на Факултетот за машинска интелигенција и роботика про УИНТ смета дека девојките со секоја наредна генерација се повеќе се свесни за својот потенцијал и спремни да го следат својот сон да бидат истражувачи, инженери, научници.

– Јас лично не сум имала проблем затоа што сум жена во науката , напротив мислам дека ми оди баш добро, но темата се однесува на жените и од минатото кои не можеле да го учат или работат она што ние денес го правиме и затоа да им оддадеме почит и нив и да испратиме порака дека на добар пат сме и дека треба да продолжиме, затоа што се уште, можеби не кај нас , но има места каде состојбата на рамноправност уште не е постигната. Но тука сме , присутни сме, следиме и дејствуваме да биде подобро, изјави Евгенија.
Охрабрувањето на жените во СТЕМ областите е глобална потреба. Преку едуцирање на жените се едуцира нацијата како целина., истакна амбасадорката на НР Кина Џијанг Сјаојан која со присутните студенти сподели лични искуства и инспиративни приказни за тоа какви промени може да креираат жените во општеството.

–Во Кина имаме изрека дека жената може да го крепи небото. Многу жени и тука во Македонија се доказ за тоа. Во науката многу можеме да направиме заедно, прво со креирањето политики мора да создаваме околина која ќе овозможи еднакви можности за девојките и жените да учествуваат во студирање, истражување и развој на науката. Второ треба да ги зајакнеме жените економски и да ја подигнеме свеста за развојот на жените и потребата од системска поддршка на студентките во науката и технологијата, изјави амбасадорката на НР Кина, Џијанг Сјаојан.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, усвоен од ООН во 2015 година, има за цел да го истакне значењето на создавање клима во која потенцијалот и интелигенцијата на жените ќе дојдат до израз во СТЕМ професиите односно наука, технологија, инженерство, математика, без родови нееднаквости и предрасуди. Македонија е една од ретките земји во Европа кадешто повеќе од 50% од вкупниот број истражувачи се жени, што е показател за нивниот огромен потенцијал, но и понатаму жените се соочуваат со прашања како породилно отсуство, потешко напредување во кариерата на раководни позиции или мобинг поради својот пол.


