Македонското вино ќе добие географска ознака како симбол за традицијата, автентичноста и квалитетот
Вардарската долина ќе стане првата географска ознака што ќе се појавува на етикетите на македонските вина. Винската територија на државата е организирана во три региони и 16 вински области, при што најобемен е регионот Повардарие. Во него се концентрирани околу 87 проценти од лозовите насади и приближно 90 проценти од активните винарии.
Целиот процес го води новоформираната организација „Повардарски ВРВ“, која во наредниот период треба официјално да биде признаена како овластено тело за географска индикација. Нејзина задача ќе биде воспоставување јасна институционална структура за управување и практична примена на системот.
Географската ознака претставува знак што се става на секое шише вино со јасно утврдено географско потекло, како и со докажан квалитет и углед што произлегуваат токму од таа средина.
Според Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на Вина на Македонија, воспоставувањето на системот за географска ознака е многу повеќе од административна постапка – тоа е долгорочна визија за развој на винскиот сектор. Иако идејата постоела подолго време, конкретна реализација започна во последните неколку години, благодарение на заедничката работа на винарите и поддршката од Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).
-Само со систем на географски ознаки усогласен со стандардите на Европската Унија, можеме да се позиционираме како вистинска винска земја. Тоа е потврда за квалитет, но и алатка за градење на Македонија како атрактивна винска дестинација, истакнува Младеновска-Јеленковиќ.
И оваа година се прогнозира производство од 90 до 100 милиони литри вино, што е на ниво на десетгодишниот просек. Повеќе од 85 проценти од вкупното производство е наменето за извоз. Додека во 2005 година дури 92 проценти од извезеното вино било наливно, денес околу една третина од македонското вино на странските пазари и во рестораните се пласира во шишиња.