Дневен центар за стари лица со активно стареење годинава треба да добие и Охрид
Општина Охрид работи на отворање на Центар за стари лица со активно стареење. Оваа социјална услуга која е наменета за старите лица над 65 годишна возраст ќе значи поддршка за активен и здрав живот, подобрување на социјалната интеграција и квалитетот на животот на старите лица.
–Дневен центар за стари лица за активно стареење е проект за подобрување на социјалните услуги со склучен договор од 10.06.2025 година помеѓу Министерство за социјална политика, демографија и млади, Општина Охрид и Здружение за воспитно, образовна, психо социјална поддршка ВОПС Охрид, информира Кети Росиќ, Раководител на одделение за детска, здравствена и социјална заштита.
Пред точно една година Општината најави дека има намера да отвори Дневен центар за стари лица во деловен простор кој, со одобрение од градскиот Совет, го купи во извршна постапка поради неможност за наплата на побарување од должник. Деловниот простор се наоѓа на Бул Туристичка, на пресекот со патот кон населбата Чекоштина. ТВМ побара информација дали оваа намера ќе се реализира.
-Деловниот простор е сопственост на Општина Охрид со имотен лист и е прилагоден и наменет за Дневен центар за стари лица. Општина Охрид обезбедува дополнително финасиски средства за реализирање на услугата. Оваа активност за стари лица е предвидена во Програмата за социјална и здравствена заштита за 2026 година, велат од општината.
Оттаму додаваат дека со проектните активности покрај опремување и прилагодување на просторот за стари лица, ќе им се овозможи социјална инклузија, простор за дружење, активности и градење на социјални врски, здравствена поддршка, физичка активност, ментална стимулација и поддршка на семејствата.