Skip to main content

Anima Mundi – здружение за заштита на животни

Анима Мунди бара напуштањето на кучиња кои имале сопственици да стане кривично дело

Анима Мунди: Животните не се виновни што се на улица. Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.
 |  инфодеск  | 

Анима Мунди бара напуштањето на кучиња кои имале сопственици да стане кривично дело. Тие во нивната објава на Фејсбук велат дека 5 од 6 заловени кучиња имаат сопственик, и дека при едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик и дека сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот.

-Овој пример не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, често видлив во пракса. Неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие. Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен, велат од Здружението за заштита на животните Анима Мунди.

Од здружението потенцираа дека во другите држави како Хрватска, Франција и Португалија, напуштањето на миленик се третира како кривично дело, а казните се парични, но и затворски.

-Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните, се вели во нивното соопштение.

Анима Мунди потсети дека е доставена иницијатива за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучувајќи ги и малите кучиња и очекуваат конкретни законски измени во Законот за заштита и благосостојба на животните, кој во овој момент е во процедура.