Skip to main content

Езерската полиција е силна поддршка на рибочуварите

Откако Охридското Езеро е издадено под концесија незаконитиот риболов бележи намалување, но сепак дел од рибокрадците го прекршуваат законот и покрај високите казни. Во текот на минатата и првиот месец од оваа година езерската полиција поднела педесет и три кривични пријави против лица кои вршеле незаконит риболов и регистрирала уште триста прекршоци.
 |  инфодеск  | 
Езерска полиција

Откако Охридското Езеро е издадено под концесија незаконитиот риболов бележи намалување. Езерската полиција е силна поддршка на рибочуварите. Иако главната задача на полициските службеници е контролна на границата и чување на македонските територијални води тие се фокусирани и на сузбивање на незаконитиот риболов. Во текот на минатата и првиот месец од оваа година езерската полиција поднела педесет и три кривични пријави против рибокрадци и регистрирала уште триста прекршоци.

– Активен е придонесот на Езерската полиција во делот на сузбивањето на незаконскиот риболов и пронаоѓање на лица сторители на ова кривично дело. Целокупната наша активност и соработката со концесионерите како и со НУ Хидробиолошки завод резултира со намалување на бројот на регистрирани вакви дела и се разбира поголема контрола кога станува збор за заштита на рибниот фонд во водите на Охридското езеро, вели Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Соработката на службениците од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ со концесионерите и Државниот инспекторат за земјоделство е на задоволително ниво, но според Димоски таа треба да се интензивира.

– Секогаш е потребно подигнување на степенот на соработка и координација во насока на поголема успешност во реализацијата на предвидените задачи поврзани со сузбивањето на незаконитиот риболов , со пронаоѓање на лица сторители на ова кривично дело и се разбира во елиминирање на сите останати прекршоци кои се евидентирани во изминатиов период и се разбира согласно Законот за рибарство и аквакултура, вели Димоски.

Лани во координираните акции против незаконитиот риболов пронајдени се блиску 29 000 метри рибарска мрежа, околу 730 парчиња разновидна риба, кои се одемени заедно со пловните објекти и риболовниот алат. Се поднесуваат соодветни пријави, но дел од рибокрадците и понатаму го прекршуваат законот и покрај високите казни. Според дел од експертите за животна средина за поефикасно справување со рибокрадството неопходни се пософистицирани системи за надзор како камери и радари.