Успешно реализирана показна вежба за евакуација во ОУ „Кочо Рацин“
Денеска, учениците и вработените во основното училиште “Кочо Рацин“ го испробаа и применија оперативниот план за заштита и спасување и планот за евакуација во училиштето преку реализација на показна тренинг вежба според сценарио за случен земјотрес и пожар. На вежбата учествуваа соодветни тимови на Територијалната против пожарна единица Охрид, Секторот за внатрешни работи, Црвен крст Охрид и Итната медицинска помош. Целта беше, учениците, професорите и техничкиот персонал во училиштето да се запознаат и да ги разработат начините на заштита и насоките на движење при евакуација од училишната зграда.



–Денешната вежба помина во најдобар ред, без паника, без повредени. Нашите ученици и вработени покажаа дека се одговорни и дисциплинирани. Безбедноста на децата ни е на прво место и затоа овие вежби се од исклучителна важност, посебно што оваа година се наоѓаме и во нов училишен објект, да знаеме како да реагираме кога навистина ова ќе се случи, изјави директорката на ОУ „Кочо Рацин“, Славица Котеска.
Денешната вежба беше значајна и од аспект што учениците од ова училиште се вселени во нова зграда и важно е во новите просторни услови да се разработи планот за постапување и евакуација во случај на елементарна непогода, вели претседателот на Црвен Крст Охрид , Сашо Точков.
-Многу значајни активности се овие, затоа што и за нас како институции кои треба да реагираме, секоја ситуација е нова и добро е да се разработи, да се види како функционира системот, каде се патеките на движење и како може да се интервенира. Имавме, според сценариото и двајца ученици повредени, коишто беа третирани од тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид и, секако, извлечени претходно од противпожарната единица, кажа Точков.








Со ваквите симулациски показни вежби се констатираат одредени пропусти, коишто се нотираат во соодветен извештај кој се доставува до училиштето и до надлежните институции, посочува Точков. Како пример ја посочи неодамнешната вежба во основното училиште во Пештини од која произлегле низа забелешки.
– Во ОУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани е многу проблематичен пристапот до училиштето. Многу е тесен патот, а и постојано се паркирани возила, така што тука е многу проблематично да интервенираат соодветните служби онака како што е потребно. Исто така, на самиот пат што поминува низ селото во правец на Свети Наум нема никаква ознака дека се наоѓа тука училиште. Нема никакви знаци за застанување, за успорување на движењето на возилата, а значи е многу потребно и неопходно. Исто така, во дел од училиштата увидовме дека одредени знаци, стрелки за излез се неправилно, обратно поставени од она што е потребно и тоа е коригирано. Значи, ги нотираме сите пропусти, ги даваме, сè со цел да се надмине проблемот, посочи Точков.
Вакви показни вежби ќе се реализираат и во останатите средни и основни училиште во Охрид и Дебрца како дел од континуираните активности за унапредување на безбедноста во училиштата. Законот за заштита и спасување налага и во сите правни субјекти, да се вршат вакви показни вежби еднаш во една до две години. За подготовката на сценариото и реализацијата се грижат координирано Секторот за превенција при СВР Охрид, Црвениот крст, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.