Охрид дел од Саемот за туризам во Белград
Општина Охрид од денес до 22 февруари ја презентира својата богата туристичка понуда на 47-от Меѓународен саем за туризам во Белград, заедно со Министерството за култура и туризам, претставници на ХОТАМ и други туристички чинители.
На саемот се промовираат природните убавини, културното наследство, гастрономијата и целокупната туристичка понуда на Охрид, со цел привлекување нови туристи и зајакнување на соработката со туристички партнери од регионот.
Делегацијата на Општина Охрид е предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, кој оствари средби со туроператори, пријателски општини, медиумски претставници и со амбасадорот на Република Македонија во Србија, Никола Тупанчески.
Во рамки на промоцијата вечерва ќе биде организирана и традиционалната „Охридска вечер“, на која ќе присуствуваат претставници на туристичкиот сектор од регионот.
Меѓународниот саем за туризам во Белград, годинава се одржува под слоганот „Едно патување, илјада приказни“ и се смета за еден од најзначајните туристички настани на Балканот. Оваа година на белградскиот саем ќе се презентираат повеќе од 350 излагачи од 18 држави.





