Skip to main content

22 години од смртта на претседателот Борис Трајковски

22 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски
 |  инфодеск  | 

Во авионска несреќа, што се случи пред 22 години, на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.

Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље. Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица. 

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. 

Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.