Skip to main content

Во Охрид се бележи пораст на пациенти со карцином на простата

Денеска во просториите на Црвен крст Охрид Д-р. Јованчо Митрески од Одделението за Урологија при Општа боница Охрид одржа предавање под мото „Превенцијата спасува животи“, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот
 |  Маја Савиќ  | 

Од сие малигни заболувања кај машката популација карциномот на простата е застапен со 14,2% или скоро 1,5 мил новодијагностицирани случаи годишно во светот. Во Охрид се бележи пораст на пациенти со оваа дијагноза што според докторите се должи на поголемиот опфат на популацијата со скрининг.

– Во нашата болница секојдневно се соочуваме со оваа проблематика и генерално имаме некој пораст на пациенти со оваа дијагноза, а тоа е така благодарение на современите методи на пристап на дијагноза како што е биопсијата на простатата, скринингот кој порано се изведувал во помал обем, а сега веќе имаме поголем опфат со тој скриниг каде што на некој начин свесноста кај популацијата за овај скриниг расте и тоа е позитивно, вели Д-р. Јованчо Митрески од Одделението за Урологија при Општа болница Охрид

За жал, ракот на простата во својата рана фаза кога можноста да се излечи е многу висока, ретко покажува некакви изразити симптоми. Симптомите се јавуваат кога ракот е веќе проширен и надвор од простата. Затоа се важни превентивните прегледи.

-Доколку заболувањето би се фатило во самиот ран стадиум односно додека е локализиран тој процес тогаш и по спроведениот третман оперативен или онколошки и најчесто доколку е локален и ги задоволува критериумите за оперативен третман или локален третман преживувањето драстично е поголемо, а доколку не се јавуваат пациентите на годишни прегледи заболувањето би придонело да напредува во своите стадиуми , со што и можноста за преживување кај еден пациент е премало, вели д-р Митрески.

Редовно следење на вредностите на ПСА тестот и во комбинација со дигиректален преглед на простатата, е најдобриот достапен начин за утврдување на индивидуалниот ризик на пациентот.

Меѓутоа и понатаму има мал дел од популацијата која не го спроведува тој скриниг.

– Мој апел е секој маж над 45 година доколку има фамилијарна генеза на ова заболување или над 50тата доколку нема фамилијарна историја еднаш годишно да се јави на редовен уролошки преглед каде со современ индивидуален пристап секој лекар би го насочил што понатаму во однос на дијагностиката, третманот и тн, порачува д-р Митрески.

Денеска во просториите на Црвен крст Охрид Д-р. Јованчо Митрески од Одделението за Урологија при Општа боница Охрид одржа предавање под мото „Превенцијата спасува животи“, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот од 1-8 март.