Започнa постапка за присоединување на ЈП „Градски пазар“ кон ЈП „Градски гробишта“
Советот на Општина Охрид на последната седница донесе одлука за започнување постапка за присоединување на ЈП„Градски пазар“ кон ЈП„Градски гробишта“. Иницијативата е на Управниот одбор на Градски пазар. Советниците од опозицијата изразија сомнеж во исправноста на ваквата постапка во поглед на економската оправданост.

-Дали целта е од две финансиски нестабилни п-ја да се направи едно поголемо со поголем финансиски ризик? Сметам дека овој зафат е премногу ризичен ризичен и дека не треба да се брза со оваа одлука бидејќи може да има подалекусежни последици. Разгледувајќи ги материјалите доставени за оваа точка, можам да заклучам дека Управниот одбор на ЈП Градски гробишта, без да ја разгледа реалната финансиска состојба најпрво на самото претпријатие, а подоцна и финансиската состојба на ЈП Градски пазар и проблемите кои можат да произлезат од нивното спојување донел заклучок за усвојување на иницијативата за присоединување иако тоа може да биде погубно за нив, имајќи ја предвид финансиската ситуација баш на ЈП Градски пазар, односно Градски пазар не може да си ги сервисира ни основните обврски за плати и режиски трошоци, кажа советникот од СДСМ, Јане Тодороски.

-Факт е дека предлог одлуката мнозински ќе ја усвоите, но на комисиската расправа, на која што елабориравме од аспект на бенефитите и можните импликации, со акцент на импликациите од аспект на создавање на суфицит или вишак на кадар со преклопување на двете систематизации и имајќи го во предвид вишокот, барам од вас, секретаре, бидејќи седниците на Комисија не се јавни, барам од оваа говорница да гарантирате дека ниту еден вработен нема да претставува вишок или колатерална штета на оваа фузија и дека нема да биде доведено во прашање егзистенцијалното прашање, рече советникот Иван Димкоски од СДСМ.
Врз основа на која студија УО на Градски пазар поднесе ваква иницијатива, која е таа анализа која покажала дека ЈП „Градски гробишта“ ќе може да го истрпи товарот од нови четириесет вработени, праша советникот од ВМРО – НП, Ванчо Костоски. Тој додаде дека далеку подобро би било Градски пазар да се припои кон ЈП Билјанини извори.

–Бидејќи е подобро стоечко, поголем број на години со поголема сума на позитива завршува и ќе почне со изградбата катната гаража на местото кое пазарот го користи. Ако пазарот останеше катна гаража, бидејќи се работи на место кај што тие сега го користат, не е нивна сопственост, го користат тоа и да се даде на користење на ова јавно претпријатие можеби и сигурен сум дека со една добра анализа може да опстане ова јавно претпријатие. Меѓутоа, сега веќе кога сте решиле, јас знам мнозинство ќе изгласа, требаше да се припои кон ЈП „Билјанини извори“, бидејќи и катната гаража на крај на ЈП „Билјанини извори“ ќе му ја дадете, додаде Костоски.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески псоочи дека на седницата не се одлучува за спојување на двете претпријатија туку за отпочнување на постапка во која понатаму ќе следуваат анализи за оправданоста од ваква одлука.
–Значи, сепак ова е почеток, започнување на една постапка, а се она што ќе следи во иднина, сите оние акти и документи кои што ќе бидат донесени од страна на службите во јавните претпријатија или доколку тие одлучат таквите анализи да ги прави некоја надворешна консултантска куќа или така натаму, тоа оставаме на нив, во зависност од капацитетите со коишто располагаат во делот на човечките ресурси кои ги имаат во јавните претпријатија. Значи, ние од некаде мора да почнеме, рече Китески.

Потенцираше дека треба да се почекаат анализите и повторно да се донесе одлука на Совет која ќе биде поволна за ЈП, вработените и за граѓаните во поглед на услугите кои тоа јавно претпријатие ќе ги дава. Но, уште сега се знае дека новото претпријатие кое ќе настане со припојувањето ќе ја добие на стопанисување катната гаража
–Катната гаража, конечно, имаме одлука за избор на изведувач. Вчера мислам дека беше објавена во системот за јавни набавки. Се надевам дека по нејзината правосилност потпишуваме договор и се надевам, дека во текот на месец март ќе почне изградбата. Катната гаража не значи, дека по автоматизам ќе ја добие ЈП „Билјанини извори”. Напротив, ќе ја добие новото јавно претпријатие кое ќе заврши со присоединување на овие две ЈП-ја и тоа ќе има дополнителен приход. Катната гаража ќе има околу 200 паркинг места и ќе работи 24 часа и се надевам дека тој приход би бил поволен за новото ЈП, кажа Китески.
На седницата беше донесена и одлука за започнување постапка за ликвидација на ЈП „Погребни услуги“ – Охрид.