Skip to main content

Старата зграда на ОУ „Кочо Рацин” ќе се реконструира и пренамени во детска градинка

Одлуката ја донесе Советот на Општина Охрид на последната седма седница.
 |  Маја Савиќ  | 

Старата училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин” во населбата Црногорци ќе се реконструира и пренамени во современа нова детска градинка. Одлуката ја донесе Советот на Општина Охрид на последната седма седница.

Намерата да им се овозможи на жителите од населбите Радојца Новичиќ, Железничка, Долно и Горно Лакочереј да ги згрижат своите деца во градинка во овој дел од градот, опозицијата ја поддржа, но беше посочено дека можеби не е најдобро решение за таа намена да се реконструира училишна зграда стара над 50 години, која воедно има проблематичен пристапен пат.

-Апелирам да размислите добро дали не е можеби поповолно и посигурно да се аплицира на јавните повици за капитални инвестиции во Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова градинка? Дали не би се потрошиле помалку пари, а ќе добиеме нов и безбеден објект, отколку да реновираме објект стар педесет години, при што навистина еве апелирам и до колегите советници да одат да видат. Навистина таму не можат да се разминат ни две возила, а недај боже да има потреба од противпожарно возило. Инаку, намерата секако дека е добра и секогаш ние ќе го поддржуваме тоа што е во интерес на граѓаните од овој дел на градот, кажа советничката од СДСМ , Лидија Неданоска.

Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Ирина Милеска, посочи дека во населбата „Радојца Новичиќ“ веќе функционира хетерогена група на возраст од две до шест години и дека реакциите на родителите се позитивни. Додаде дека со реконструкцијата ќе се добие нов објект со капацитет да ги згрижи сите деца во тој дела на градот со што ќе се растеретат другите клонови на градинката.

После толку години ќе се отвори еден нов објект во Општина Охрид. Мислам дека одиме кон позитивно размислување и позитивни насоки. Нормално дека процедурата трае, ќе се направат сега и основни проекти. Беа од Министерството дојдени во април месец, нормално да ја видат ситуацијата. Тоа беше неофицијална посета и дополнително и со нив сме во комуникација, со општината, со сите институции. Се надевам дека крајниот резултат ќе донесе позитивни промени и за нас како градинка и за Општина Охрид. А ако гледаме во однос на пристапот на објектот, и централниот објект е во самото градското подрачје па често пати и тука имаме проблем за пристапност на возилата. Мислам дека не претставува толку голем проблем, затоа што ќе се само дечињата од градинка во тој дел. Сега ќе имаме ред, кажа Милеска.

Советничката Лидија Неданоска од СДСМ апелираше до локалната власт и до СВР да се посвети поголемо внимание на безбедноста во и околу старата зграда на ОУ Кочо Рацин посебно во вечерните часови затоа што до неа пристигнале поплаки од граѓани за собирање на млади луѓе и оштетување на просторот. Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, истакна дека биле информирани за девијантните појави, додавајќи дека и тоа е уште една дополнителна причина училишната зграда да биде реконструирана и искористена за модерна детска градинка, а не да се доуништи.

фото : ОУ „Кочо Рацин“ Facebook страна