Skip to main content

Кардиолошки центар Охрид за случајот со д-р Мојсовска Наумоска: не се врши опструкција туку се проверува апликацијата за грантот согласно правилата и процедурите

Со цел да се сочува реномето на нашата установа, истата како и досега така и во иднина ќе стимулира едукации и професионален развој на младите колеги , и тоа секогаш ќе биде во рамки на предвидените процедури како и потребите на болницата согласно плановите за развој. Болницата ќе се раководи според законските прописи, интерните акти за работа, одлуките на УО , етичките стандарди, а пред се со цел и натаму да обезбедува стручна, навремена и врвна здравствена заштита на пациентите што е и основа за нашето постоење, потенцира д-р Билјана Теговска, директорка на Kардиолошки центар Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Св Стефан Охрид ги отфрла обвинувањата за опструкции на професионалниот развој на д-р Виолета Мојсовска Наумоска спец. Кардиолог вработена во установата. На прес конференција беше потенцирано дека информацијата за доделениот грант на д-р Виолета Мојсовска Наумоска болницата ја дознала од социјалните мрежи и медиумите истовремено со останатата јавност. Имено, на 20ти февруари во медиумите беше објавена информација за доделена стипендија од Европското здружение за кардиологија на д-р Мојсовска Наумоска, за нејзина едногодишна обука на клиника во Италија. Случајот доби негативен публицитет кога во јавноста беа изнесени реакции од младата докторка дека болницата во која е вработена ја кочи во нејзиното стручно усовршување и напредување.

Денеска директорката на Кардиолошкиот центар, Д-р Билјана Теговска, во присуство на докторскиот и друг персонал одржа прес конференција за, како што рече, информирање на јавноста за околностите во овој случај со цел да не се нанесува штета на високото реноме на здравствената установа позната и призната по исклучителниот професионализам.

-Сакаме да истакнеме дека иако апликациите за овој грант кандидатите ги поднесуваат лично согласно правилата на давателот на грантот кои се јавно достапни, во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави и препорака од актуелниот раководител на Одделот во кој кандидатот работи или актуелниот ментор – супервизор доколку апликантот работи под супервизија. Според нашите сознанија д-р Мојсовска Наумоска ниту ги има побарано ниту ги има добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација. За целосно разјаснување на оваа состојба од страна на болницата беше побарано дообјаснување од давателот на грантот , а во ниту еден момент не беше побарано повлекување или откажување на грантот како што беше пренесено на портали. Инаку, д-р Мојсовска Наумоска речиси три години не работи во Одделот за интервентна кардиологија каде има работено само шест месеци откако стана специјалист кардиолог, кажа Д-р Билјана Теговска, директорка на болницата.

Д-р Теговска пред новинарите го презентира дописот испратен од болницата до Европското здружение за кардиологија со кој се бара на увид документацијата која е доставена со апликацијата, за утврдување на нивната веродостојност со оглед на тоа дека од институцијата каде докторката е вработена не биле побарани потребните препораки.

– Свесни сме за чувствителноста на јавноста кога станува збор за поддршка и професионален развој на младите кадри, сепак нагласуваме дека во конкретниот случај не станува збор за попречување во напредувањето или неадекватен третман иако гледаме дека се сака оваој случај да се претстави како институционална опструкција. Ве уверуваме дека нашата болница може да послужи како пример каде младите доктори во најкус можен рок добивале специјализации и се едуцирале во различни области. Исто така, сакаме да истакнеме дека и во текот на специјализацијата д-р Мојсовска Наумоска имала континуирана менторска поддршка и и биле овозможени учества на бројни меѓународни стручни настани и после завршување на нејзината специјализација учествувала на разни конгреси во земјава и во странство од кои само последниот состав на УО и одобрил учество на три меѓународни настани во Салзбург, Хамбург и Дубаи, посочи д-р Теговска.

За трудот кој д-р Мојсовска Наумоска го презентирала на конгресот во Дубаи, на прес конференцијата беше истакнато дека е поднесена претставка од искусен интервентен кардиолог до Етичката комисија на Болницата и сега е предмет на натамошно разгледување кај други надлежни органи. Но, директорката Теговска категорично демантираше дека во врска со тоа овластено лице на болницата стапило во комуникација со организаторите на конгресот во Дубаи.

На новинарско прашање дали станува збор за плагијат на научен труд, зборуваше Д-р Дејан Манчевски кој интервенциите од периферна ангиографија ги усовршувал во Германија и како иновативвни методи, прв почнал да ги изведува во Македонија токму во охридскиот кардиолошки центар.

-Во 2019та година имавме еден интересен случај со пациентка со гангрена. Д-р Виолета Мојсовска како помлад доктор на специјализација тогаш беше присутна во салата кога јас ја правев интервенцијата. Интервенцијата заврши успешно и случајот беше пријавен на Европскиот конгрес во Париз во 2020 год и беше примен. Истиот случај сега во декември 2025та беше презентиран од страна на д-р Мојсовска во Дубаи, истиот потполно, при што јас како главен оператор бев изоставен да бидам спомнат во апстрактот или било каков коментар, нешто што е недозволиво во нормалниот медицински свет. Такви работи се недозволиви со мој труд, без оглед што колешката беше присутна, главниот оператор е одговорен за сите постапки за време на интервенцијата, во минатото кога сум ја направил, сега сум одговорен и за 50 години од сега ќе бидам одговорен затоа што јас сум се потпишал и сите процедури во врска со пациентката сум одговорен. Заради тоа јас реагирав лично, кажа д-р Манчевски.

На пресот беше посочено дека болницата се соочува со бројни судски постапки кои д-р Мојсовска Наумоска ги има поведено против институцијата и поединци вработени во неа, и дека дел од судските постапки и одлуки излегувале од досегашната воспоставена пракса и стандарди, но дека болницата доследно постапува по сите судски одлуки, а воедно презема и дополнителни мерки пред надлежни институции за заштита на своите интереси.

-Ваквото нејзино однесување никогаш не дозволивме да се одрази на нашиот коректен и професионален однос кон неа, дури и во случаи кога имало повод за тоа не и е изречена ниту усна опомена, посочи д-р Теговска.

Од болницата подвлекуваат дека со ваков случај се соочуваат прв пат во над четиридеценско постоење на установата и посочуваат дека ќе чекаат информации од Европското здружение за кардиологија како давател на грантот за понатамошно постапување. Апелираат , во меѓувреме, името на болницата кое е синоним за професионализам и стручност и влева доверба кај пациентите да биде поштедено од сензационализам и дискредитации.

Д-р Мојсовска Наумоска, пак, во допис испратен до медиумите пред денешната прес конференција, обвинува за континуираното и систематско кршење на нејзините права и законски прописи, повредени загарантирани права од работен однос, како и за заканите за јавна дискредитација.. Во дописот докторката бара од надлежните институции формирање на комисија која објективно ќе ги разгледа сите наоди поврзани со случајот, ќе изврши темелна контрола и надзор на законитоста и стручната работа на директорката, ќе посредува за заштита од вознемирување.