Од Здружението на лица со дијабет од Охрид информираат дека во периодот од 3 до 5 април во Охрид ќе се одржи првиот социо-здравствен саем во Македонија, а самиот настан има за цел да ги поврзе здравствените установи, организациите за социјална поддршка и секторот за превенција и здрав живот на едно место.
Штандовскиот дел ќе се реализира на 5 април и ќе биде предвиден за посетители кои ќе можат да добијат бесплатни информации но и услуги од учесниците, а учесници може да бидат здруженија и организации од областа на здравството и социјалната заштита, центри за психолошка, дефектолошка и социјална поддршка, нутриционисти и советници за исхрана, фитнес центри, спортски клубови, аеробик и пилатес студија, центри за кинезитерапија, физикална терапија и рехабилитација, локални производители на органска и здрава храна, здравствени установи и дијагностички центри, осигурителни компании, но и компании и професионалци чии услуги придонесуваат за подобрување на здравјето и квалитетот на живот.
Во нивното соопштение се додава дека целта е создавање организирана платформа за директна комуникација со граѓаните и презентација на услуги и производи од значење за заедницата.
Пријавувањето е отворено до 13ти март, а сите заинтересирани подетални информации можат да добијат на телефонскиот број: 070 800 760.