Skip to main content

Неизвесно е враќањето на полските тур оператори за летната сезона 2026

Наближува летната сезона, но во Охрид се уште владее неизвесност околу чартер-линиите. Полските тур-оператори, кои долги години носеа илјадници туристи, се уште не потврдија враќање, а новите редовни линии од Европа ја менуваат динамиката на сезоната.
 |  инфодеск  | 

Се наближува летната туристичка сезона, но се уште е  неизвесно  враќањето на полските тур-оператори, кои лани се откажаа од Охрид. Тие долги години носеа илјадници туристи со чартер-летови, кои директно придонесуваа за хотелскиот сектор и локалната економија. Со отворањето на новите редовни линии од европски градови, прашањето за чартерите останува се уште неизвесно.

Туристичкиот сектор предупредува дека без чартер-линиите сезоната може да биде под ризик.


„Еден од најважните столбови во туризмот и за опстојување на сезоната и на туристичкиот сектор се чартерските програми. Моментално имаме линии од повеќе градови, но тие се сезонски и не функционираат во текот на целата година. Со редовните линии не доаѓа број на туристи како со чартерите. На еден чартер, речиси сите гости се сместуваат во хотелските или приватните капацитети, додека кај редовните линии тоа не е случај.”- вели Јаким Маленко од ТА Вис Пој.

И додека чартерите носат организирани групи кои обезбедуваат стабилен приход за хотелите и локалната економија, се отвараат редовни авио линиии кои често не носат доволно туристи.


„Изгубивме два полски и еден холандски тур-оператор во 2025 година. Оваа година повторно е неизвесно дали ќе се вратат, особено со отворањето на новите редовни линии од Катовице и Броскал, што ги намалува шансите чартерите да бидат полни. Продажбата на пакетите оди потешко, бидејќи туристите самостојно резервираат хотели или приватни апартмани. Се обидуваме заеднички, хотелиерите и тур-операторите, да ги вратиме овие важни чартер-линии, но неизвесноста останува.”– вели Маленко.

Во моментов согласно зимскиот ред на летање кој е на сила до крајот на март од охридскиот аеродром се патува до шест дестинации, со три тур оператори.

Новинар Соња Рилковска