Васка Костојчиноска од Вевчани го отвори првиот приватен логопедски кабинет во Струга
Првиот изговорен збор на едно дете може да значи повеќе од илјада реченици. Токму зад тие мали, но големи победи стои Васка Костојчиноска од Вевчани – клинички логопед која својата љубов кон децата ја претвори во животна мисија.

Преку програмата за самовработување го отвори првиот приватен логопедски кабинет во Струга.
„Во моите средношколски денови сфатив дека работата со деца е она што навистина ме исполнува и дека тоа ќе биде мојот професионален пат. Кога дојде време за запишување на факултет, бев сигурна дека логопедијата е мојот избор. Една детска насмевка за мене значи сè – тоа е мојот најголем поттик за понатамошна работа”, вели Васка Костојчиноска, клинички логопед.

Во „Говорна куќичка” детските зборови стануваат реченици, првите изговорени гласови стануваат радост за целото семејство. Со трпение и љубов, децата добиваат шанса да го пронајдат својот глас.
–Најпрво треба да имаш волја, да знаеш што сакаш, да бидеш храбар, бидејќи секоја работа е ризик. Во Македонија можеш, само треба да имаш волја и да бидеш храбар и да ги оствариш соништата”, додава Костојчиноска.
Во време кога многу млади луѓе заминуваат, Васка одлучи да остане и создава. Таа воедно работи и во Центарот за атипичен развој на деца со посебни потреби во Струга.
Новинар: Соња Рилковска