Инвестиции за чиста вода во Струга и заштита на Охридското Езеро
Два значајни проекти за водоснабдувањето на Струга и заштитата на Охридското езеро се во фаза на реализација.
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со министерот за животна средина, Мухамет Хоџа, реализираа теренска посета за да извршат увид во работите за изградба на модерен водоводен систем, инвестиција во вредност од 90 милиони денари, со која се врши замена на старите азбестни цевки со безбедни и современи материјали.

Овој проект ќе обезбеди постабилно водоснабдување, намалување на загубите и подобар квалитет на водата за граѓаните. Во моментов се реализирани над 50% од проектот, а работите од првата фаза се очекува да завршат пред почетокот на летната сезона.
Воедно, работите на колекторскиот систем Радожда–Калишта продолжуваат според предвидената динамика. Ова претставува значајна инвестиција за заштита на Охридското Езеро и одржлив развој на регионот.

Во тек се и активности за изградба на пат со пешачка патека со должина од околу 1.5 километри, како и за подобрување на патната врска до Авто камп „АС“ со должина од 900 метри, инвестиции што ќе придонесат за подобрување на сообраќајната поврзаност и полесен пристап до овој дел од градот со значителен туристички потенцијал.

Овие проекти се дел од поширок пакет инфраструктурни инвестиции што се реализираат преку програмите на Министерството за транспорт, преку кои за Општина Струга се обезбедени повеќе од 5 милиони евра за реализација на четири значајни инфраструктурни зафати.
Со ваквите инвестиции се создаваат подобри услови за развој на туризмот, унапредување на локалната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.