Skip to main content

ЈП Колекторски систем работи без дозвола, со инфраструктура незапишана во Катастар и систем во тешка оперативна состојба

Државното претпријатие 35 години работи без потребната дозвола. Инфраструктура изградена пред повеќе од 35 години вредна над два милиони евра сè уште не е запишана во Катастарот, а претпријатието не поседува имотни листови за речиси ништо освен за пумпната станица „Подмоље“
 |  инфодеск  | 

Јавното претпријатие „Колекторски систем“ – Скопје се наоѓа во тешка финансиска и оперативна состојба, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година. Ревизорите изразуваат неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи, откривајќи низа неправилности и ризици за одржливоста на работењето.

Во извештајот на ДЗР е наведено дека претпријатието од основањето (2018г) до денот на ревизијата, работи без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на влезната вода, СКАДА-систем за мониторинг и контрола и агрегати за резервно напојување.

– Колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на количината на влезна отпадна вода, недостасува СКАДА- систем за целосна контрола и мониторинг, а претпријатието не располага ниту со агрегати за резервно напојување со електрична енергија. Претпријатието нема сопствен информационен систем за евиденција на корисниците на колекторската мрежа, па за таа цел ги користи системите на ЈП „Водовод“ Охрид, ЈП „Водовод и канализација“ Струга и ЈКП „Дебарца“. Само околу една третина (33%) од испуштената пречистена вода е фактурирана (во 2024 година фактурираната вода изнесува 3.736.453 m³, додека испуштената пречистена вода е 11.300.390 m³), што укажува на сериозни технички и физички недостатоци во мрежата на зголеменото ниво на отпадните води, се вели во извештајот.

Дел од колекторската мрежа поминува покрај брегот и низ брегот на езерото, поради што е изложена на оштетувања: дупнати и испукани цевки, отворени и затнати шахти, како и запушени делови од корења на дрвја и растенија. Овие дефекти овозможуваат навлегување на урбани отпадни води во езерото и обратно – навлегување на атмосферска, езерска и подземна вода во
колекторската мрежа, посочуваат ревизорите.
Дополнително, во 9 од вкупно 14 пумпни станици се евидентирани сериозни оштетувања на цревата за мазалици, бетонските фундамeнти, редукторите, лежиштата, вретената, страничните заштитни плехови, системите за нивелација и SCADA-опремата, се вели во извештајот.

Во извештајот е констатирано дека инфраструктурата изградена пред повеќе од 35 години вредна над два милиони евра сè уште не е запишана во Катастарот, а претпријатието не поседува имотни листови за речиси ништо освен за пумпната станица „Подмоље“.

Инфраструктурните објекти (цевковод, пумпни станици и пречистителна станица), изградени пред повеќе од 35 години во вкупен износ од 129.948 илјади денари (2.112.976 евра), се уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, кој е составен дел од Катастарот на недвижности. Освен за земјиште од 812 м² (пумпна станица Подмоље), ЈП Колекторски систем
Скопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40,9 км, пумпни станици, пречистителна станица, како и за земјиштето под нив,
се вели во извештајот.

Ревизорите утврдиле дека со акумулирани обврски од над 493 милиони денари (над осум милиони евра) и блокирана сметка уште од самото основање во 2020 година, претпријатието има намалена ликвидност и се соочува со сериозни финансиски предизвици. Претпријатието работи со минимум средства од 10.800 илјади денари за секој месец, согласно Решение на Основен суд Охрид.


За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на
мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

ЛИНК до Ревизорскиот извештај KRI_RR_Kolektorski_sistem_Skopje_FINAL.pdf