Skip to main content

Саем на книгата во „Охрид мол“ од 12–ти до 15-ти март

Голем избор на книги по саемски цени и промоции со локални автори на Саемот на книга од 12 до 15 март во Охрид Мол.
 |  Маја Савиќ  | 

Од 12 до 15 март во „Охрид мол“ ќе се одржува Саем на книгата, со понуда на изданија на неколку издавачки куќи и на НУ Библиотека „Григор Прличев“.

,,Во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, на саемот ќе учествуваат издавачките куќи :-ТРИ, Божилак, Полица, Мартина Комерц и Бата Прес, потоа и Издавачка куќа Матица, а посебно ни претставува задоволство што на настанот ќе учествува и НУ Библиотека „Григор Прличев” – Охрид, како значајна културна институција во нашиот град.” Во текот на саемот посетителите ќе имаат можност да најдат голем избор на книги по саемски, промотивни цени, но и да присуствуваат на средби и промоции со локални автори, што дополнително ќе ја збогати културната програма на настанот. “- кажа на денешната прес конференција, Маријана Булеска Љаткоски – Менаџер за маркетинг Ohrid Mall.

Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска изрази благодарност до менаџерскиот тим на ОХРИД МОЛ за заедничката посветеност за популаризација на книгата со надеж дека Саемот на книга ќе стане традиционален.

-Како и останатите издавачи, така и ние на сопствениот штанд ќе понудиме на продажба книги од нашата издавачка продукција но и книги кои се за продажба а ги имаме добиено од Министерството за култура. Се работи за дела од капиталните едиции: 130 тома македонска книжевност ( на македонски и англиски јазик), Ѕвездите на светската книжевност, Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа и други. Ние како установа од четврток до сабота во Охрид Мол ќе органзираме и три промоции на најнови дела од нашите роднокрајни автори: Мирко Томовски, Емилија Карафилоска и Марина Шикова – Димовска. Авторите во молот ќе имаат и дружба со читателите и ќе ги потпишуваат купените книги. Промотор ќе биде колегата Милчо Јованоски., – кажа на прес конференцијата Трпеска.

Саемот на книга ќе биде отворен секој ден од 12 – ти до 15-ти март од 10 до 21 часот односно во редовното работно време на продавниците во трговскиот центар.

А од Охрид Мол во рамки на соработката со Библиотеката „Григор Прличев” најавуваат уште еден настан за љубителите на пишаниот збор.

-Во пресрет на Светскиот ден на поезијата, на 19 март од 10:00 до 13:00 часот Библиотеката во соработка со кафе бар Noccolino ќе ја организира традиционалната манифестација „Напиши стих – купи кафе”. Библиотеката ќе ги награди авторите на трите најдобри стихови со книги, со што се надеваме дополнително ќе ја поттикнеме љубовта кон поезијата и пишаниот збор, најави Булеска Љаткоски.

Градската библиотека и Охрид Мол преку овие настани ја носат културата и креативноста во динамичен урбан простор со најголема фрекфенција на граѓани, при што создаваат место за инспирација, дружење и современи културни искуства.