Од 17 март Македонија и Словачка ќе се поврзат со нов директен лет меѓу Охрид и Братислава.Ќе ја одржува авиокомпанијата WizzAir, а ќе се лета три пати неделно.
Отворањето на директната авио-линија е уште еден чекор напред кон зајакнување на контактите меѓу двете држави без разлика дали се во областа на туризмот, бизнисот или меѓучовечките односи, велат од амбасадата на Словачка во земјава.
-Директната авио-линија отвора нови можности за туристите од Македонија кои ќе имаат можност да ја посетат Братислава и Словачка, да ги запознаат нејзините историски градови, природата, културата и гастрономијата. Дополнително, новата авио-линија, ќе им овозможи на посетителите од Словачка да ги откријат убавините на Охрид и неговото уникатно езеро, кое е едно од најзначајните природни и културни богатства во регионот, додаваат од амбасадата.
Согласно летниот ред на летање на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ почнувајќи од 30 март со компанијата Wizz Air од Охрид ќе се лета до Милано, во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни ќе стартува новата авиолинија од Вроцлав и се враќаат летовите од Катовице.