Skip to main content

СДСМ: Охрид не смее повеќе да се гуши во чадот од сопствениот отпад

Депонијата Буково продолжува да гори, чадот се шири над градот, а граѓаните се принудени да дишат воздух кој е сè подалеку од чист и безбеден. Ова веќе не е само проблем на управување со отпад. Ова е пример за институционална негрижа, неодговорност и неспособност, обвини на денешната прес конференција, Лидија Неданоска од СДСМ.
 |  Маја Савиќ  | 

Трпението на граѓаните на Охрид е при крај. Депонијата Буково со години претставува еколошка бомба која го труе воздухот, ја загадува околината и директно го загрозува здравјето на граѓаните, кажа денеска на прес конференција , советничката во Советот на Општина Охрид од СДСМ , Лидија Неданоска.

Најмногу страдаат децата! Со години слушаме исти приказни, исти ветувања и исти оправдувања од надлежните. Но додека тие ветуваат, депонијата продолжува да гори, чадот се шири над градот, а граѓаните се принудени да дишат воздух кој е сè подалеку од чист и безбеден. Ова веќе не е само проблем на управување со отпад. Ова е пример за институционална негрижа, неодговорност и неспособност. Недозволиво е град како Охрид – град кој треба да биде симбол на чиста природа, туризам и културно наследство – да биде заложник на една депонија која со години никој сериозно не ја решава, кажа Неданоска.


Таа потенцира дека граѓаните имаат право да знаат кој ќе понесе одговорност за годините во кои здравјето на луѓето беше ставено во втор план и до кога ќе се дозволува овој проблем да се прикрива со изјави и празни ветувања.

Сегашниот пратеник од ДПМНЕ Сашо Донев своевремено држеше пресови пред депонијата а сега и како претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ и пратеник од ДПМНЕ во македонското собрание мудро молчи на оваа тема….Ќе го потсетуваме и него, и градоначалникот и советниците дека не направија ништо, само гол популизам. Ние денес јасно порачуваме: доста е. Доста беше игнорирање на проблемот, доста беше одложување и префрлање на одговорноста. Граѓаните на Охрид заслужуваат чист воздух, а не чад од депонија. Заслужуваат институции кои ќе работат во нивен интерес, и нема да го толерираат овој долгогодишен проблем. Време е за конкретни решенија, за јасен план и за одговорност, потенцира Неданоска.