На охриѓани од денес им е достапно бесплатно психолошко советување во Црвен крст Охрид
Од денеска започна бесплатното психолошко советување кое како услуга го воспостави Црвен крст Охрид во соработка со Анима центар за личен развој, едукација и психотерапија. Советувањето го спроведува Гешталт советникот Мерсиха Исмајлоска.
-Потребата од психолошко советување не ни се случува само кога имаме некаква мака, таа се случува и кога сме љубопитни за кој сме ние, која е нашата цел. Значи се однесува на советување и за личен развој. Но, и те како можеби попотребно да се посети психолог или да се дојде тука во просториите на Црвен крст кога се соочуваме со некакви симптоми. Тие симптоми во имајќи го предвид денешниот начин на живеење, може да бидат потешкотии во изразување на нашите емоции, освестување на нашите емоции, анксиозност, несоница и многу често можеби најблиската околина прва да примети дека можеби ни треба помош и некако суптилно да не наведе да ја побараме таа помош, вели Мерсиха Исмајлоска – Гешталт советник.
Гешталт е психотерапевтски правец кој се формирал некаде педесеттите години на претходниот век. Татко на гешталт е Франц Перлс и е една доста емпатична техника која доста работи на пракса, а не толку на теорија со доста експерименти со огромна љубопитност за она што клиентот го носи пред нас, објаснува Исмајлоска. Додава дека клиентот при првата средба доаѓа пред сè еден информативен разговор за запознавање.
-Не секогаш во првата средба се користат техниките на Гешталт и се остава барем неколку дена клиентот сам да процени дали би закажал уште една средба. Значи, јас како советник не би инсистирала на уште една средба доколку самиот клиент не процени дека има потреба од средба. Обично се оди за да се завршат процесите кои би започнале од прва, втора, трета средба до кај десет средби. Меѓутоа, ако има потреба се оди и повеќе. Посебно ако некој има желба за личен развој, тоа знае да трае и подолго. Меѓутоа не се случува чудо само од една средба, така што треба доста работа, вели Исмајлоска.

Црвен крст Охрид го нуди ова бесплатно психолошко советување во рамките на својата здравствено превентивна дејност со активности насочени кон промоција и на физичкото и на менталното здравје. Катерина Наумоска, проектен координатор во Црвен крст Охрид ги повикува граѓаните кои што сметаат дека би имале корист од разговор и од совет да се јават и да си закажат средба.
–Менталното здравје е витален елемент на општото здравје и има силно влијание врз квалитетот на животот на луѓето. Нема здравје без ментално здравје. Оттука менталното здравје е тема област која е од суштенско значење за сите нас и како индивидуи и како заедница. Водејќи се од тоа, Црвен крст Охрид е на пример подготвен и континуирано работи на јакнење на својата подготвеност да пружа психолошка прва помош и психосоцијална поддршка во кризни и итни ситуации. Овие форми на поддршка ги опфаќаат и емоционалните и практичните потреби на луѓето погодени од немил настан и придонесуваат кон намалување или превенирање на нивните страдања, посочува Наумоска.
Советувањето ќе се одвива во просториите на Црвен Крст Охрид на улица Димитар Влахов, секој петок во периодот од 9 до 12 часот со предходно закажување на тел број 070 729 615.